Агентот „Мачка“ ангажиран за Македонија

Агентот „Мачка“ ангажиран за Македонија

Сето ова, што подолу го излагам, немаше да се знае, ако не беше забележан првиот, во серијата настани, кои ја разголија ситуацијата со тајните служби, кои роварат во Македонија. Курир бил во право.
Имено, сосема надвор од логика, Амбасадорот на САД, виден е како јаде сендвич и го фрла недојаден, заедно со хартиената обвивка во контејнер. Чудно: амбасадор јаде сендвич, не го дојадува и наместо во канта, или на тротоар – како што сите ние правиме, го фрла во контејнер. Ајде, да речеме, не е многу сомнително. Но, одма после овој настан, при неговото заминување, забележано е дека тој не си заминува со службениот автомобил, туку со велосипедот на оној холанѓанецот, кој ја критикуваше минатата влада. Сомнително, но не се’ докажува. Ќе рече амбасадорот дека велосипедот и’ припаѓал на бугарската обавештајна служба, па, го оставиле кај него на чување.
Чудните настани, понатаму се развиваа. Во истиот контејнер, само минутка подоцна, се појавува мачка, која со завитканите остатоци од сендвичот, го напушта контејнерот. Некој би рекол, па мачка е, што да прави друго, да пишува за портал? Но, нашиот репортер не беше наивен, оти работата смрдеше кај контејнерот и не само тоа, мачката имаше дебел околувратник, од кој, сосема дискретно, стрчеше антенче. Тој ја следеше мачката, затоа што, од профил, му заличи на некоја друга мачка, која ја имал видено порано. На аголот кај оној музејот со непрегледно долго име, околу тоа борбата за независност и дрн, дрн, мачката се сретна со други две мачки, заедно го одмотаа сендвичот и повеќе од половина час, откако ги изедоа остатоците, го превртуваа ливчето, лево – десно и на крајот го изедоа и него. Кога тоа мачка дели храна, со други мачка? Второ, сите тие имаа такви околувратници. Трето, заради што мачки би јаделе хартија? Тоа не се свињи, па да изедат и гаќи, кога се мрсни. На нашиот репортер му заличи дека мачките го анализираа напишаното на омотот на сендвичот. Вистина сомнително.
Круцијалниот доказ, дека тука работите не се чисти, беше следниот настан. На само стотина метри од тука, стојат три мажи и две жени, а сите познати македонски издајници, оти издаваат весници и портали, а мачките, ни две – ни три, почна да им се моткаат околу нозете. Многу сомнително. Ајде, што не беше запазен етничкиот баланс, оти тука немаше ниту еден Албанец, ајде што родовиот баланс беше благо нарушен – во корист на мажите, но, што бараат мачките да им се моткаат околу нозете и да се трилкаат од нивните панталони?
Репортерот, скриен кај тоа црквата, каде иконите се самоисчистија, веќе беше убеден дека тука нешто смрди. Во тоа го убеди следниот настан, кога и споменатите издајници и мачките, се разделија – секој - на своја страна. Кого да го следи? Мачките или луѓето? Која мачка, кој човек/жена да следи? Пресудно во одлуката, што се покажа сосема проникливо – подоцна, беше што репортерот се сети од каде ја знае мачката: па, тоа беше мачката од Ван Хауте (така се викаше оној велосипедистот, не?) и тргна по неа.
За неполна минутка, мачката беше нападната од две кучиња, но таа вешто ги избегна, од што се виде дека е тренирана. Репортерот, во далечината, виде возило од типот „Волга“, а во тој правец заминаа и кучињата, а мачката продолжи, цело време осврнувајќи се лево – десно. И еурека: мачката стигна до зградата на СЈО, малку се врткаше, очигледно, чекајќи некого и дочека. Лично Фатиме Фетаи, која се наведна и ја погали мачката.
Сите елементи на шпиунската завера беа тука: родовиот и етничкиот баланс беше исполнет, Фатиме ја доби, веќе анализираната, порака, која беше искомуницирана и од споменатите, и на македонската јавност добро познати, борци против Македонија, а улогата на Америте, во сето тоа, требаше да остане тајна. Но, не и за нашиот репортерот. Тој одма сфати, што нашите извори го потврдија, дека во Македонија оперира познатиот агент, со кодирано име „Мачка“, со што, точно се знае дека мачките роварат насекаде.
Настаните од дневно – политичкиот живот ова го потврдуваат, а и постапките на Шилегов, кој не сака да ја тргне маглата од Скопје, точно заради фактот, што во магла, полесно се оперира, ниту дождот, кој со недели непрестано паѓа, па, со тоа мачките стануваат лизгави и не можат да ги фатат, а предиграта во разнебитувањето на Македонија е се’ посилна. Една наша аналитичарка, со плави долги локни, од научна гледна точка, докажа дека, колку е предиграта подолга, мачката е повлажна.

Сите овие наоди, ќе бидат претставени и пред демонстранти пред судот, оти и ние патриотите имаме мачиња за трка (влажни овие денови).

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено