Вмровски морал: крадел оти морал

Вмровски морал: крадел оти морал


Зврле куртули, за сега. Братислав и Јелена – не. Едната си ги зеде „пластичните“, а вториот заборавноста дека некогаш и тој беше човек и како „праведници од јавна куќа“, си заминаа. Ќе ве паметиме како мали и небитни луѓе. До невидување, освен, ако идниот обвинител не одлучи поинаку.
Коњите, бизоните, дивечот и државниот буџет – како прилог во тањирот на аздисаните вемереовци – здивнаа. Од партијата на прејадувачи на туѓа сметка, велат: не за долго – ние повторно (им) се враќаме. Кому? На народот, или на бизоните? А моралот? Ах, да: Јадел оти морал, крадел оти морал, молчел оти морал. Морал – колку сакаш.
Кога сме веќе кај моралот, што е со МАНУ? Тие секогаш куртулуваат, дали заради постојаното доцнење со „иницијативите“, барем по две, три години, дали заради тоа што имаат рачен менувач, па навреме менуваат и брзина и насока, дали заради „научениот опус“, во недостаток на одговорност. „Спијам, значи постојам“? Така ќе играме?
Дали сто тони тешкиот Фрчко излезе полесен од перо – лесниот Камбовски, кој заедно со сиот негов научен опус не тежи ни колку прашината од доблеста на овој „неакадемецов“, како ултра - јавна личност и веројатно најценетиот лидер на мислење? Да имаше некаде обука за опортунизам, ќе го испратевме Фрчко, да се едуцира. Или уште подобро, нека оди во МАНУ на обука. Сепак, неморално е „нај“ институцијата да се разбуди од зимски сон само заради тоа што се менува власта. Тоа е и опортунизам и неморал.

Подвлекуваш црта и под неа останува само моралот – како заеднички именител на се.

Политиката и нејзините извршители мораат да бидат морални. Така вели теоријата. Ние сме тие, кои не смееме да им дадеме избор. Секој во својата фела, секој со својата сила, секој со својот образ. И за нас е исто, а за МАНУ - на квадрат. Кој не сфатил ништо за врската на политиката и моралот, не сфатил ништо ниту за едното, ниту за другото. Треба ли посебно образложување дека е неморално оброците „на државно“ да ти бидат колку годишна плата на работник, да ја фрлиш фелата под нозете на аздисани сељаци, кои морале да пробаат и „зец лисица, јаребица, дивља патка, препелица“, но и да гледаат балет, опера и театарски претстави, како тоа да го правеле цел живот. Ако, ама нека платат од свој џеб.
Како да објасниме дека е неморално да бидеш владин демонстрант, оти на власт не и требаат протести. Власта ја има власта!!! Сите знаат дека власта лесно организира протести. Неморално е да протестираш против опозиција и невладини организации.
Неморално и одвратно е да молчиш кога ти го менуваат идентитетот, кога ти велат дека не сме биле Словени. За тоа се зема оружје. За тоа сме земале оружје и тоа не од сега, туку од склавиниите наваму. А сега? Што му фалело на Александар? Не знам, прашајте ги Грците, оти, можеби е нивен. Наш не е и за тоа говорат вековите меѓу него и нас.
Затоа, мора да се батали вемереовската инфантилна креативност и дефиниција за морал: „Крадел, оти морал“, или во случајот на МАНУ – „молчел оти морал“. Не е неморал само постапувањето, туку и непостапувањето. Па уште, ако ти се обврска националните интереси, ти молчиш 11 години, а сега наеднаш си загрижен. Како се нарекува тоа?
Се сеќавам дека првата антикомунистичка драма, еден наш театар ја изведе дури во 1994 година. Цели пет години кризи и распади, a тие „нису били одавде“. Ако е една од најзначајните улоги на уметноста и науката да прогнозираат, да гледаат во иднината, да демистифицираат, да бидат социјално одговорни, да едуцираат, тогаш нашите уметници и научници се саботери. Поточно, тие се кловнови. Тие се Скопје 2014 – јавната куќа на уметниците, тие се „патриотите“ – куплерајот на неранимајковците, тие се „античките“ – храмот на малоумниците. Тие се, едноставно, ВМРО – ДПМНЕ и сите негови лица. Неморално е да молчиш за нив и нивните „зафати“. Тие се „од Господ бељата“, во својата криминална креативност. Кај нив нема морал, или, ајде со најпрепознатливите зборови, кои дошле од Империјата, која добро ја знаеме: ниту намус, ниту исав, ниту срам.
„Морал“ – како „морање“, различно се акцентира со „морал“ како категорија на духот и нешто што би го сакале за своите деца. Сепак, не ќе е само до акцентот, туку до моралот, без оглед на морањето. И други „морале“, но не подлегнале... и не молчеле.


Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“