Центрираме и балансираме партиски книшки

Центрираме и балансираме партиски книшки

Во време на современи предизвици, трупањето на партиски книшки е факт, од кој никој не треба да се срами, освен, кога треба. Со време, тие губат од својот сјај и од предност, преминуваат во баласт. Книшката, во тие процеси, се менува, околината добива различни сомнежи, па, наместо да ви носи напредок, таа може да ве кочи.
Мислите дека е до вас? Дека некој ви направил магија? Дека некој знае за онаа зделкана?
Затоа, читајте внимателно: Не е до магија, не е до УЈП. До книшката е!!!
Книшката, со време, станува нецентрирана, небалансирана и изгледа ветво.
Но, има лек:
Центрирање, балансирање и повезување партиски книшки!
Вистинска прилика, искористете ја!
Донесете ги сите свои партиски книшки, во каква состојба и да се. Ние стручно ќе ги балансираме, да не скршнуваат лево - десно, или, и да скршнувале, тоа да не се забележува, небалансираните испади и поранешни упикувања ќе ги хармонизираме, со топ објаснувања, заради што сте поддржувале едни, или заради што сега поддржувате други, па дури и тоа да сте го правеле јавно.
Вашите книшки ги балансираме и по „формат“: локален и национален.
Сакате „низок формат“, да оставите впечаток дека не сте локален сончоглед?
Нема проблем, ние ќе ви обезбедиме кавга со сите опоненти на локалните функционери, приказ на грижа за партијата, за вашата неизвалканост, лик на борец, вечен опозиционер. Нудиме и балансирање на гласини дека бизнисот ви одел многу добро со „другите“, како што ви оди со „сегашните“, или сте добиле нелогично унапредување, кога требало да бидете во немилост.
Сакате „национално“? Тука сме.
Ние, токму ние, ќе ви обезбедиме да го браните лидерот од сите добронамерници и негови поранешни соработници и заштитници, со обезбедување совршен баланс на потполно различните опции, кои сте ги застапувале, и нормално, оваа сегашнава. Исто така, за иста цена, ние ќе ви обезбедиме питка, центрирана приказна, со која ќе објасните, заради што сте сега позиционер, кога бевте и претходно, и тоа со невиден баланс.
Пред балансирањето, задолжително ќе ви замениме и амортизери, кои сигурно ви се потрошени од многу акање по дупки и криминални ендеци, како и менување чаури, за да не бидете зачаурени. Вашата предница мора да биде совршена, за да можете да мените насока, брзо и ефикасно, кога некој „треба да гори“, затоа што ништо не можеме да сториме со вашиот задник,  даден под кирија.
Ако партиската книшка ви изгледа излитено и сите виделе дека (ст)е партал, немајте грижа.
Ваше е да дојдете кај нас, а останатото е наша работа. Ние ќе ви ја испегламе книшката, со остри рабови, со кои можете да ги сечете гркланите на сопартијците, можеме да ви ја антидатираме, да ви ја повеземе со сосема нов целофан и со нови бои и секако, да ви ја повеземе со ознаки од друга партија. Обезбедуваме и пре - повезување од послушник во реформатор, од безбоен во шарен, од замолчан во револуционер, од лигуш – во реформатор и обратно, со менување на само една клема, а операцијата е скоро безболна и користиме и локална и национална анестезија.
Специјална понуда
е нашата балансирана двојна книшка, со спојување на две: Однадвор е есдеес, одвнатре вемере, со задолжителна плавкаста повеска, со жолтеникави светливи точки. Мултифункционалноста на оваа книшка е докажана, заради можноста од нејзино превртување, за секоја прилика.

Ако наеднаш донесете две или повеќе книшки, имате специјален попуст.
Ако го земете целиот наш пакет, ни самиот нема да се’ познаете, што човек сте биле.
Бидете човек на своето време и не дозволете да ви пропаѓаат партиските книшки, залудно.

Дискрецијата е загарантирана, сечена, лепена и монтирана.


Јавете се, ние сме тука за вас, кога никој друг не ви’ дига телефон.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“