Барок, Рококо и $ Охохооооо

Барок, Рококо и $ Охохооооо

Тоа се главните архитектонски стилови во Македонија. Барокот и рококото ги имаме од неодамна, а охохооото уште од социјализмот, со постепен развој во периодите 1991–1998 година и со невиден процут после 2008 – ма година. Некои злобници тоа го нарекуваат и корупција, но во Народниот речник на Македонскиот јазик, тој архитектонски израз сѐ објаснува како „снајдување“ и нема врска со криминал, туку со хигиена („Перење“).
Охохооото се дели на охохо и охохоооооо. Првото се одликува со декоративни елементи, во кои се претставени плеада советници, кои за ништо не служат, освен за земање охохо хонорари, патни трошоци и користење службената картичка за сопствен стандард, прошарани трансфери кон ТВ куќи, комбинирани со филмски пропагандни перформанси и тони кич музика. Охохооооото се разликува спрема бројот на нулите, но во секој случај, овој архитектонски стил бара големи неимари, кои имаат нејсовремени машини за перење, кои перат „немогуќе ствари“, но исто така, мораат и да градат, оти такви количини валкани пари никој не може да испере, освен градежништвото.
И?
И толку. Сето останато може да се напише на кутија цигари.
Без охохо и охохоооо, во Македонија не е сторено ништо. Ама, баш ништо. Во Македонија охохо – тоа е алфа и омега на сите општствени процеси, политика, патриотизам, пишана историја, непишан патриотизам, невладин живот, преголемата грижа за државичката, за природното и културно наследство, за јазикот, културата... Ако не е директно за охохо, тогаш е за власт, која ќе те донесе до охохооооо.
Во Македонскиот речник на совеста постои и зборот „вошка“, кој интегрално се употребува во изразот „да те полази туѓа вошка“. Тоа е поврзано со машините за перење, но не и со личната хигиена, било на телото, било на умот. Тоа би значело дека „ако не украдеш – ќе спојуваш први со први“. Со овој израз нема промашување: Тој е скоро 100% во мислите на секој припадник на оваа државичка, без оглед на етнос, конфесија, пол, старост. Како поинаку, освен преку политиката. Ако немаш идеи, патриотизмот е секогаш тука, па ќе можеш да градиш во барок и рококо, со задолжително охохооооо. Тие ретките, кои навистина живеат од својот труд и се потураат со прашок против „туѓи вошки“, се толку минорно малцинсктво, што се занемарливи. Таков бил капитализмот? Мало сутра. Таму има многу црвени линии, а нашите почнуваат и завршуваат со охохо.
Во тој поглед сосема ги разбирам големите политичари и „асистентите“, кои се задолжени за архитектониката на охохооооо – то, но не ги разбирам граѓаните, кои немаат ниту „о“ од охохо - то, а така фанатично сакаат да го негираат архитектонскиот процут на охохо – то, кој Македонија ја доведе до ниво да не постои (барем) прифатливо функционирање на институциите, ниту траг од позитивна селекција, до дефектни причинско – последичните врски, ерозија на моралот, етиката, јавната естетика, па дури и дисфункционалност на секојдневното расудување. Навистина, не можам да разберам дали сите ние (народот) бевме уплашени, слепи и глуви сите овие години, до толку што ниту грабежот на општествениот капитал, саботирањето на пописот, бркањето на пратениците и новинарите во Парламентот, ниту групната амнестија на Иванов, ниту јасните прикази на државната пљачка, ниту Донтоновиот изборен модел, ниту рушењето на Космос, линчот во Парламентот, јасната врска на „протестантите, судиите, обвинителите и патриотите“ со вемерето, контрадемонстрациите, тепањето на студенти по библиотеки, штимуваните етнички протести... навистина ДАЛИ, никогаш ништо не сме разбрале како граѓани и сопственици на оваа држава?
Сега плачеме. Зошто не плачевме последните 11 години? Што сега? Доза заборав? Бевме многу уплашени? Па, ајде да се плашиме и сега.
Ајде да ги заборавиме иселените во странство. И нив не ги забележавме? Тие, така од бес, фатија џаде во земјите каде има охохо од сопствен труд, каде нема партиски мајмуни и силеџии, кои не чекаат ред пред шалтери, туку одат со „врска“, каде на регистрациите не лепат лавчиња, не се паркираат насред улица, не се шетаат со национални знамиња, како да се партиски симболи, каде не прават црни тефтери на судии и не чекаат туѓи пасоши, оти веќе ги добиле во нашата независна и суверена... Но, тоа не било разнебитување на државата. Ниту тоа, ниту антиквизацијата.
Затоа, одвратни ми се сите тие „грижи“, а уште поодвратни охохоооо душебрижниците, кои пет пари не даваат за државата, јазикот и за името, туку жалаат за охохо – то, од двете страни на барикадите. Јадни сме ние, кога сите аргументи нѝ излегуваат од ќесето, а секоја напредна мисла завршува со сопственото его и сон за нова охохоооо градба, во нашиот неук мозок.
Сега, кога следот на - од нас изнудени, логични и меѓународно валидизирани настани (фала ти Боже), не заплисна како цунами, а беше предизвикано точно од нашиот простотилак, кукавичлук, криминал и рачунџиство, потполно демистифицирајќи му на светот со кого сѝ има работа, ние се прашуваме „што со нашето охохоооо“, наместо да се запрашаме: а што друго стои на располагање – освен понуденото, после светската промоција на нашата сељачка перформанса, во која самите се разнебитивме и сакавме да одиме во граѓанска војна, оти не можеме себе да се замислиме без многу охохооооооо, кое не е инвестициски капитал, туку средство за нестабилност и диктатура?
Не вчера Џеј Џеј Змај (не е ди–џеј, туку поет) порача дека, јутутунците секогаш добиваат јухахаха, хаха, хаха, кога се прават на будали за ликот и делото на Балакаха (во множина, во Македонска верзија).

Градбата продолжува?
Александар Цветкоски
АГТИС                               

Comments

Popular posts from this blog

Илија наречен Жаклина

Барокот не треба да сѐ симнува, очекуваме стриптиз

Јас сум роден ваков, со што се правдаш ти