ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ „Чекајќи го новиот диктатор“

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ „Чекајќи го новиот диктатор“

Тања Иваноска

Ежен Јонеско, еден од втемелувачите на театарот на апсурдот, чии романи изобилуваа со хумор, исмејување на банални ситуации, но и филозофски дискурс низ кој се поставува прашањето за смислата на човековото постоење, со право може да се каже дека беше актуелен годиниве наназад во нашето македонско општество. Слика и прилика на неговите драми „Носорог“, „Кралот умира“, „Жед и глад“, беа катадневните наши ситуации, кои за жал не беа драма туку реално наше секојдневие. Банални ситуации во нашето секојдневно милје имаше во изобилие, од насилство без осуда и санкција, преку политички монтирани случаи, до укинување на автономија на Универзитет, преку хаос во здравствени установи и што ли уште не видовме последнава деценија. Затоа и со право може да се каже дека Јонеско и денес егзистира кај нас, бидејќи театарот на апсурдот заживеа и не го изгуби здивот последниве десетина години.

Она што изби на пиедесталот на значајни општествени феномени сиве овие години, беа конструкциите за моќ и сила на сопствената нација, за своевидно античко значајно потекло, за влијанието што го имаме на европско тло, за успесите во рамките на економијата и успеси во справување со кризи, за пофалби и награди од признати политичари, и какви уште не конструкции, кои реално здравиот разум, во одредени сегменти, не можеше да ги разграничи дали се работи за реалност или фикција. Ако малку се навратите наназад и ја вклучите меморијата ќе сфатите дека станувало збор за класични манипулации, приготвени во кујната на дотогашната владеачка партија, а целта била едноставна, атак на индивидуалната свест и меморија и создавање на колективни слики и колективна меморија дека сè што се правело се правело за наше добро. Уф, морници ме лазат кога ќе се присетам колку пати ми била навредувана интелигенцијата, но уште повеќе ме боли што многумина мои колеги, пријатели, признати и познати во своите области, поддржувале, пофалувале и наградувале нешто што е рамно на апсурд и себеуништување. Не помалку од нив сносат вина и оние кои молчеле, бидејќи молчењето значи преќутно поддржување. „Било, не поновило се“, велат нашите соседи, но со одредени потези и решенија, овие месеци, едно нешто навистина ме плаши...

Она што ме плаши искрено и што ме гризе внатрешно е да не се повтори или уште полошо, да не дојде ново сценарио, слично на претходното. Ме плаши слободоумните да не ги зафати апатија и разочарување и да престанат гласно и јасно да си го кажуваат мислењето и да делуваат во насока на веќе ништо не е важно и онака на малкумина им е важно нашето мислење. Ме плаши постепеното зафаќање на апатија на гласноговорниците, кои орно го виореа знамето против режимот, а истите денес се постепено истиснати од „некои нови клинци“, кои наеднаш, преку ноќ се изнедрија од немајкаде и станаа главни креатори на новите политики. Ме плаши дозата на суети која наутро ја земаат некои од политичарите, да не се зголеми наеднаш и да не може потоа да се види реалноста. Ме плаши што оние кои со години хибернираа и молчешкум се аминуваа, сега се носители на јавни и високи функции и треба да одлучуваат за вашите животни судбини. Навистина ме плаши и насловот кој го поставив, иако метафоричен, со надеж дека во никој случај нема да се оствари. 

„Чекајќи го новиот диктатор“ терба да биде само симбол на едно време, на едни луѓе, на едни ситуации, кои никогаш не би сакале во иднина да се повторат. Токму и затоа е метафората дека секој иден локален или државен функционер не треба да се постави како Луј 14 и треба постојано во свеста да му биде вткаен ставот дека нов диктатор ниту има ниту ќе се дозволи да има. Искуството и поуките се влечат од минатото, кои колку и да е сурово и болно, ни дава за право да заклучиме дека секој еден кој ќе се обиде да чепне во слободата, правата и демократијата на секој поединец ќе биде силно осуден и пратен на место кое му припаѓа во склад со неговите пориви и гревови. Надежта е таа која нè води и сè уште нè држи, дека сепак подоброто утре набргу ќе стане подобро и поубаво сега и дека грешките од минатото, кои скапо нè чинеле, веќе никогаш нема да се повторат.


(Текстот е дел од проектот „Чекајќи го новиот диктатор“, финансиран од НЕД. Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД)

Comments

Popular posts from this blog

Барокот не треба да сѐ симнува, очекуваме стриптиз

Илија наречен Жаклина

Јас сум роден ваков, со што се правдаш ти