Оние што се прават дека се’ знаат, ги нервираат тие, кои се’ знаат

Оние што се прават дека се’ знаат, ги нервираат тие, кои се’ знаат

Тоа е главното правило во политиката. Држава, ред, закон, човечност? Мисловни именки се тоа. Создавај проблеми, за потоа да ги решаваш, макар што никој не дошол, а да „не седне“ на куп поранешни проблеми: Вистинско ѓубриште на себични причини, пакувани како општо добро и потреби на народот. Твое е само да застанеш во центарот на сето тоа и да заработуваш „на кривина“ – пари, моќ и другите да ти се плашат. Уништи ги стандардите и вози, а, ако не можеш сам – формирај комисија.
Единица мерка за грижа за општеството, од која само ти ќе имаш корист се промените, реформите, проектите за подобрување на ова и на она. Единствено правило е да се чуваш од учени, способни и посветени. Ако нив ги избенеш, а не е тешко, заради тоа што и тие не сакаат да работат со морони, на коњ си. Ангажирај морони и стандардите се мртви.
На ова многу има работено мачната македонска душа, на која висината на духот и постигнувањата не и’ се мили, затоа што е поисплатливо да ги снижиш сите околу себе, за само ти да останеш „да стрчиш“, а и полесно е. Целото општество, здушно работи на тоа, работело и ќе работи. Милион митови, милијарда стратегии и бизилион пакости се измислени и етаблирани, само да се уништи секоја напредна мисла, секој талент, искреност и грижа, секое знаење и доблест, а со тоа да се елиминираат „оние што им се чини дека се’ знаат“, за да им стане јасно дека „знаењето не е од фамилија“, и единствено, политичарите се’ знаат. Тие, кутрите, кои не сфатиле дека грам имиџ вреди кило злато и понатаму веруваат дека ќе дојде и нивниот ден, заедно со стандардите.
Да не мислевте дека говорам за политика? Повеќе муабетам за нашето соучесништво, кое политиката, нели, само го искористи: „тражили сте – гледајте“. За да му покажеш на комшијата колку си голем, постамент ќе ти биде ѓаволот. Тој само чека. Ти сам ќе дојдеш, но најпрво ќе се исфрустрираш и ќе почнеш да ја пееш неговата песна.
Така, успешниот бизнисмен да ти бил лопов, кој „пере пари за некого“, а успешната бизнисменка „љубовница на некого од големите“. Успешниот професор „го сакале студентите, ама „бил будала за себе, оти не ги легнувал студентките и не земал мито за испитите“. Успешен лекар е „будала лекар“, оти „не си’ бркал работа за себе“, а добрите учители и наставници „немало пес за што да ги касне“.
Ајде да се потсетиме. Ликовна, уметничка, филмска, театарска... критика не постои. Секоја изложба, па колку и да е тривијална, социјално неодговорна и трабантска, е „велелепна“. Секој филм е успешен, но не можеш да го догледаш од што е досаден, секоја театарска претстава е „епохална“, современа, иако глумата покажува јасни знаци на влијание на Петре Прличко.
Нашите, вчера асвалтирани патишта, се со „бразди“ по коловозот, нелогичните сообраќајни знаци, (можеби) би функционирале, да не беше зеленилото и грмушките, кои ги покриваат и не дозволуваат да погледнеш подалеку од 20 метри, спонтано настанатите тумби на асвалтот и почетоците на мостовите и не се толку опасни, како што се одроните или снегот и мразот, кои знаат да не’ изненадат во јануари (најдобро е снегот да паѓа во јуни, кога најлесно се топи). Кому му е гајле што, со секоја регистрација, плаќаме за такви патишта и со секој литар гориво – исто така. Ако прашаш, одговорот е одма тука: да не мислиш дека си во Германија? Да не ти даде Бог да проговориш за велосипедски патеки, оти одма ќе те направат педер (никогаш не сум можел тоа да го сфатам, но возењето велосипед и велосипедските патеки, да ти биле „финотија“, а како ја поврзуват со хомосексуалноста – не знам, но кооперациските типови од политиката - знаат).
Еве, поминаа пола избори, а никој не спомена ниту едно зборче, со кое се означува „стандард“. Тоа за нас не е битно. Ние сакаме да си го мериме со проекти, но не и со стандарди. Нам не ни’ е битен ниту подобриот живот. На тие што им е, и кои можеа, фатија странство, затоа што сфатија дека им е потребен стандард на живот, а не само џип, со кој (повторно) можат да си го мерат со другите. Така, урбанистичките планови станаа смејурија, до толку многу, што зградите ги „лепат“ за коловозот, а тротоарите исчезнуваат како концепт и зависат само од близината на градежникот со градоначалникот, неговиот баџанак, деловен партнер или швалерка. Кружните текови можат да бидат и „бубрежни“, шеталиштата - за паркирање, парковите за згради, туристичките места - за отпад, минималните „паркчиња со нишалки“ – преградени со ограда за кокошки, а блиските шуми за добивање гласови, но и за огрев, оти се малку поевтини.
Сето тоа поминува „ладно“. Ако некој пронајде, барем некаков феномен, кој излегува од погоре кажаното, има да му честитам и една недела да живеам во надеж, дека, сепак, од нас може да биде нешто.
Стандардите се најголемата руина во Македонија, почнувајќи со човечките, завршувајќи со урбанистичките планови. Затоа е поисплатливо да го убиеш гласникот, наместо да воспоставиш стандард. Тие што носат одлуки, тоа го знаат, а не’ знаат и нас, кои не сакаме да „си ги мачиме децата“, многу да учат на факултет, а ниту професорите - деканите и сопствениците на универзитети, со пишување петки, оти „и онака ќе мораат да ги поправат, оти секој од нас има врска“.
Да не е ова троа повеќе „без врска“?


Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“