ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Градоначалникот не е златна рипка

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Градоначалникот не е златна рипка

Александар Цветкоски

Единствена инвестиција за која вреди да потрошиш пари е знаењето. Свеста и знаењето се две страни на паричката. Говориш за едно, говориш и за другото. Ако за тоа не говориш, мораш да бидеш златна рипка, која исполнува желби: Кој – што сака да чуе, ти говори му!

Знаењето е важно. Сето друго, времето ќе го изеде.

За ова паметните не говорат. За нив, тоа се подразбира. Изреката на Цицерон „Omnia mea mecum porto“ (сè свое со себе носам) значи дека ништо не му било потребно, освен знаењето. Тоа значи дека материјалното зависи од духовното и од знаењето и дека промените мора да бидат кај нас граѓаните, а другото е лесно, затоа што ќе произлезе од првото. Сетете се дека Германија беше до темел уништена, но, за 10 години, беше изградена уште поубава. Војната ја изгубија, но не и знаењето и културата. Затоа е Германија – Германија.

Тука сме.

Кој градоначалник говори за ова? Тие, наместо за важното, говорат за неважното: патишта, сали, паркови, канализации, водоводи, асфалт, бекатон... Каде се: соработката, почитта, експертизата, планирањето, менувањето на навиките на граѓаните? На пример, поврзувањето на одредени делови од градот, без да мораш да одиш до центарот, па потоа до посакуваната дестинација, тоа е проект, оти е со памет. Тој ги менува навиките, штеди пари, го намалува загадувањето, штеди време, олеснува сообраќај, намалува несреќи. Обиколниците и земјоделските патчиња за механизација се исто така – такви, но ретки се во понудите. Најисплатливо е, барем така тие велат, да бидеш златна рипка.

Градоначалниците говорат за проекти, но проекти нема. Она, што тие го нудат, не се проекти. Проектот произлегува од проблем, а проблемот од навиките, што значи дека проектот мора да ги менува граѓаните, нивните навики, потреби, гледишта, да ги „турка“ на патот на иднината. Менувањето мора да биде волно, а не со присила, па поради тоа, градоначалникот мора да биде „социјален хирург“, кој болките ќе ги лечи, а пациентот (општината и граѓаните) нема да биде во гној и воспаленија. Што ако изградиме спортска сала, а не дефинираме кој и како ќе ја одржува, како ќе се финансира, кои содржини ќе ги има, какви услуги ќе дава? Ние и сега имаме многу сали, кои не се користат, а голем дел од нив (како таа во Прилеп) не се користат за спортување. Кому ќе му служи таа сала, ако не е современа? Зар треба да мислиме дека во 21 век треба да имаме сала без прописни туш кабини, без сали за пресови и без паркинзи, како што ги направија од некоја си таму агенција за ова и она? Зар не ни е доста од спортски сали за свадби?

Знаењето значи воспоставени стандарди. Станардите мора да бидат на висина, за изграденото да може да им служи на граѓаните многу години. Треба ли да мислиме дека бекатонот на шеталиштата е некоја вредност? Така треба држава да гради? На пример, во западните земји, државата гради скапо и за 1000 години, затоа што велат дека „не сме толку богати, па да градиме евтино“. Кај нас градоначалниците градат ултра скапо и ултра неквалитетно. Трговските центри треба да ни бидат мамки за гласови? Кому му е грижа за трговски центар? Нека има потрошувачи и пари, такви центри ќе никнуваат како печурки и тоа без буџетски пари.

Знаењето значи визија. Сите ние работиме нешто, кој повеќе, кој поуспешно. Дали нашата работа и труд имаат насока, тоа е прашањето. Кој кандидат понудил визија и „приказна“ за градот, кој од нив го покажал „светилникот“, каде треба да одат сите наши „бродови“. Наместо тоа, ние сме како муви без глави и брмчиме лево – десно, без никаква визија, насока и памет. Поради тоа, тие, кандидатите, исто така збунети како и сите ние, ветуваат дека ќе ги трошат нашите пари без никаков ред.

Замислете, тој (некој) осмислил, па бујрум буџетот на милост и немилост! Кој си бре ти, па да осмислуваш!!! Дебата и приоритети требаат, а не опскурен ум, кој води само до буџетот и никаде понастрана. Паметни и учени, но и искусни граѓани требаат, кои биле, виделе, прошетале и имаат желба и волја тоа да го споделат со сите нас. Дијагнози требаат, а не најраширената болест во општината да ти биде дијагнозата, оти, „Кој погрешно мери, погрешно и сече“.

Метењето улици, асфалтирањето, паркчињата, канализациите и водоводите се редовна работа на локалните институции и за тоа постојат посебни давачки, кои ние си ги плаќаме. Не ги нарекувајте проекти.

Затоа, драги граѓани, барајте вредности и принципи, а не градби, кои се самите за себе цел. Градбите треба да се градат, само врз база на приоритетност, стандарди, принципи и знаења. Проектите треба да опишат за кои нови вредности градиме „нова куќа“, инаку, не се проекти.

Без тоа, понудата е мамец и самоволие на кандидатот, инспирирано од близината на буџетот, а не ветување.
(Текстот е дел од проектот „Чекајќи го новиот диктатор“, финансиран од НЕД. Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД)

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено