ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Ветувања во милионски суми

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Ветувања во милионски суми

Сефер Тахири

Докажано е дека повеќе се лаже на избори? Се ветува сè и сешто ! Меѓу народот се кажува дека некој политичар отишол во едно село и ветувал мост. Арна ама, граѓаните реклe гласно „Немаме река“, а политичарот возвратил: „Ќе ви направиме“. Злонамерните ја смениле приказната со „немаме деца“, а одговорот на политичарот бил ист.

Овие денови во албанскиот блок берзата на ветувањата е многу висока, но не само во албанскиот. Еден кандидат за градоначалник вети, ни помалку, ни повеќе, туку капитални инвестиции во вредност од 100 милиони евра. Бројка, која би ја сонувале и големи градови, а не една релативно мала општина, каква што е Желино. На предизборие со милионите, (во евра, се разбира) кандидатите оперираат, како да е буџетот на Македонија ептен голем, како на Швајцарија, на пример. Замислете, ваквите милиони би ги инвестирале странски компании, кои едвај чекаат да инвестираат кај нас. Дека се работи за бројка, непромислена, произволна, „ветувачка“, покажува и фактот дека актуелниот градоначалник на Желино потврди дека, ако некој донесе 100 милиони, тој е подготвен да го отстапи мандатот за градоначалник. Бидејќи „секоја муабет завршува кај парите“ како што рекол Бранко Црвенковски, треба да се истакне дека, на „локалните“ се ветуваат многу милиони. Замислени милиони, кои привлекуваат гласови.

Еден друг кандидат не ветува 100, туку 300 милиони евра. Имено, се ветува дека во езерото Треска ќе се инвестираат 300 милионии, тоа ќе стане регионален центар, а во него ќе работат 1.500 работници. Аферим, ама досега тоа не стана ниту локален центар!

Ветување за Треска имаше и кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, иако, тоа не е во надлежност на градот. Но, во предизборна треска, сите ветуваат за Треска.

Милионски проекти се ветуваат секој ден! Полни им се устите на кандидатите со инфраструктура, проекти, ред, помош за руралните места и други ветувања.

Но, дел од кандидатите се прилично збунети. Кога новинарите ги прашуваат колку чини еден проект, најчестиот одговор на дел од нив е: „Колку ќе биде потребно“, или, „Ќе видиме, ќе анализираме, кога ќе дојде времето“. Има и такви, кои даваат ад хок одговори. На пример, на прашањето колку чини проектот за водоснабдување, одговараат: „Да речеме околу милион евра“. По некој од нив не знае ниту колку точно изнесува буџетот на општината, која сака да ја владее, а не да ја управува.

Тие се непрецизни и во одговорите кога се работи за рокови. Има и исклучоци, но генерално, оваа е перцепцијата во јавноста.
Со вакви непрецизни и двосмислени одговори, кои во себе содржат апроксимативни цифри, тешко е да имаме локална власт, која ќе биде ефикасна, ефективна, транспарентна, отчетна, одговорна и во служба на граѓаните.

Вистина е дека поголемиот број од кандидатите се млади и неискусни, бидејќи не воделе ниту куќен совет, но ете, сакаат да бидат градоначалници. Дали дел од нив ќе станат крадоначалници ќе видиме, но сите велат дека се кандидирале во интерес на граѓаните. Кај албанските лидери преовладува синтагмата „во интерес на народот“, бидејќи „народ“ звучи помоќно, пропагандистички ги опфаќа сите слоеви и генерации, кои ги гледаат низ призмата на колективизмот, а граѓанинот не се третира како посебен субјект! Ахмети се слика покрај муралот во плоштадот Скендербег и се гордее со минатото, како што вели „славната историја, со бранењето на националните интереси“ итн. Исто како и другите лидери, кои ветуваат дека ќе ги штитат интересите на Албанците. Чист популизам! Јазикот е важно политичко и прагматично прашање, но, неговата службена употреба нема да ги затнува дупките низ градовите и селата. Но, за него ќе одлучува централната власт, а изборите се локални!

Дека кандидатите не се кандидираат врз база на кариера, со која ги потврдуваат личните амбиции – значи, за себе, говорат и минорните теми, каде, дури, ветуваат дека нема да јадат или пијат во име на народот. Еден од нив рече дека „Нема да јадам ручек со потпис“. Колку што видовме, се јадело на државна сметка и без потпис. 

Во интерес на граѓаните се кандидира и Арбен Таравари, кој охрабрувачки и со голема стручност, се нафати да го води ресорот здравство. Но ете, заради „интересот на граѓаните“, во прв ред на Албанците, се реши да се повлече од позицијата министер за да стане градоначалник. Народот би рекол „Од коњ на магаре“. Здраво Таравари!

На пишман министерот му е конкурент, и тоа сериозен, градоначалникот Невзат Бејта, кој, во една дебата, ќе каже дека „Во Гостивар се изградени најубавите школи во Европа“, но и дека и „кучињата во овој град се најдобри на континентот“. Фалбаџија со тапија, од чиј стил се гледа дека, единствено гласовите му се мета.

Во кампањата се цитираше и Аристотел а и некои други филозофи, сè со цел да се убедат граѓаните да излезат на 15-ти октомври и да гласаат токму за нив. Можеби неслучајно е цитиран Аристотел, кој демократијата ја сметал за лош вид „власт на мнозинството“. А да, демократијата на локално ниво, некои од овие кандидати и идните градоначалници ја сфаќаат во стилот „Општина, тоа сум јас“.


(Текстот е дел од проектот „Чекајќи го новиот диктатор“, финансиран од НЕД. Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД)

Comments

Popular posts from this blog

Барокот не треба да сѐ симнува, очекуваме стриптиз

Илија наречен Жаклина

Јас сум роден ваков, со што се правдаш ти