ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ - Необични локални избори – Македонија 2017

Пораки до гласачите
Необични локални избори – Македонија 2017

Ана Чупеска-Станишковска
Што се’ влијае на изборот
Гласањето на изборите зависи од многу фактори, но, како што знаеме од политичката психологија, најмалку зависи од  разумот и  сходните рационални калкулации на гласачите.
Дека ова е парадоксалната  вистина на денешницата , потврдува и растечкиот   бран на популизмот во Европа и пошироко. Во тој превец впрочем, и најновите истражувања од политичките науки укажуваат дека гласњето - сватено како изборно однесување на луѓето, зависи од политичката култура и историја, политичкиот систем, условите на конституционализмот и степенот  на слободата и демократија,  информираноста на граѓаните и нивниот доход, но,  исто така  гласањето е  детерминирано и  од  не така мерливи категории, како, на пример, индивидуалната  конгнитвна  софистицираност, генетските  или  можеби и епигентески предизпозиции, па дури и од  сублиминалните и либидиналните  образци на луѓето и така натаму. Оттука, важно е да се знаме  дека предвидувањата за гласањето и за резултатите од него, сами по себе, се проблем и  секогаш може да бидат  доведени  во прашање.
„Мерење“ на гласачкото расположение
Во Република Македонија, во изминатиот период, имавме прилика да посведочиме дека и самите анкети станаа важни пропагандни алатки, кои наместо да ги мерат рејтинзите на политичарите и на партиите,  служеа за фабрикација на јавното  мислење, раководејќи се по принципот за „приклонување кон победникот, комплементирани и со поткуп, или уцена на гласачите, изборни фалисификати и со разузнавачко престретнување на секој обид за опозициона активност. Разбравме, имено изборите биле високо компромитирани во секоја смисла. Јавното  мислење во Македонија, фактички, не беше можно да биде реално испитано, не само поради гореспоменатите забелешки, туку и поради  факторот – страв, што ја потврдува претходната тезата, но истовремено сугерира и тоа дека предвидувањата на резултати од избори, во деформирани оптешества - како нашето, се обременети со загриживачки контраверзи. Сепак, ми се чини дека анкетите на Телма и на МЦМС, индицираат определени трендови, кои не можеме да ги занемариме; прво, поради разлабавената атмосфера во поглед на употреба на репресивните методи, и второ, поради тоа што на трендовите коишто ги прикажаа овие анкети, промптно  им беа спротиставени  една  контра-анкетаи уште лажна анкета, исто така. Анкетите на Телма и МЦМС укажуваат  дека коалицијата на власт - предводена од СДСМ, е во предност, и ова не треба да се занемари во анализите.
Локални избори, со повишен на влог
Овие локални избори, како и да е, за Македонија ќе бидат многу важни,  бидејќи ја претствуваат втората, или последната, би се рекло, етапа за изборна соборување на груевизмот и  системски овозможената корупција.  Овие избори сите ќе не стават на тест, кој има сила на референдумско прашање за тоа, во кој правец ќе се движиме понатаму, дали ќе продолжиме да живее изолирано во илиберален авторитарно-популистички и клептократски поредок, или ќе отпочнеме со демократска обнова и консолидација на либералната демократија, во рамки на евроатлански партнерства?! 
Од локалните избори, имено,  зависи  дали ќе се заокружи победата - извојувана на претходните парламентарни избори, односно, дали ќе се допобеди, бидејќи режимските инсталции сеуште се доминантни во 58 општини. На претстојните избори се очекува токму овие инсталации да продолжат да оперираат на  непринципиелна основа, (поткуп, клиентелизам, уцени) земајќи предвид дека сеуште располагаат со огромни општински ресурси и имаат контрола врз населението.  Со еден збор, овие избори се арената за конечното одмерување на силите и евентуално загревање за нови вонредни парламентарни избори, напролет.
Главни наративни склопови на партиите
Во  нормалните земји, каде либералната демократија е консолидирана, нарацијата во изборните кампањи за општите - генерални избори, вообичаено,  таргетира национални,  структурни,  системски и меѓународни прашања, додека на  локалните избори се зборува  повеќе за комунални прашања. Бидејќи  Македонија не е таква земја, на локалните избори не можеме да очекуваме доминација на комунални теми, туку напротив,  поверојатно е дека ќе видиме слична нарација како и во кампањите за претходните парламентарни избори. Ова се однесува и на опозицијата и на владините коалициони партнери. Владините позиции ќе продолжат со проблематизирање на националните теми поврзани со клептократскотско владеење, и, во тој правец, СДСМ нема да запре со  обелоденување на  криминалите кои се случиле на општинско ниво, додека пак,  ВМРО  суште ќе се занимава со „конспираторски“ теми: законот за јазиците, бегалците и странскте служби. Оттука, а имајќи предвид дека  клучна тема нема да бидат реалните комунални проблеми - како такви, туку  криминализираните до гуша (к)градоналници, се чини дека коалицијта на СДСМ + 22, ќе стекне значителна предност, иако  се очекува  борбата да биде жестока.
Нов феномен: Етничко прелевање на гласови
Важен атрибут и на овие избори и понатаму, остануваат етничкото гласање  и  меѓуетничките договарања. Во овој контекст,  многу важно е да се нагласи дека најголемата придобивка од претходните парламентарни избори е тоа што, прв пат во историјата на Македонија,  имавме  етнички хетерогизирано гласање за една партија (а не за личност, како во случајот со Селмани) односно, т.н. „етничко прелевање“ на гласови. Со ова беа поместени вообичаените проценки и се прекршија симболичките граници на поделеноста на општеството. На ова му преходеше големиот митинг на 17-ти Мај, кој се случи непосредно после кумановските инциденти, кога, како никојпат досега, се случи најголемиот етнички хетероген собир на Балканот.
Вреди да се спомене и тоа дека, во послениот период, забележано е и  масовно зачленување на етнички албанци во партијата СДСМ. Со други зборови, етнички - хетерогеното гласање, всушност, е нов момент во македонската политичка култура и мора да се знае дека  тоа не е придобивка само за СДСМ, туку општа придобика за целата земја, оти се случи радикално поместување на традиционалното изборно однесување во земјата, нов вид на политичко мобилизрање – такво кое не прифаќа етничкити ексклузивитети во политичкото претставување. 
Сепак, загрижувачки тренд е тоа што иста ваква можност не  им е дадена, во оваа прилика, повторно, на чаирчани, бидејќи СДСМ не понуди свој кандидат таму, и покрај фактот што на претходните избори тие тука добија  огромна подршка. Во тој правец, оправдани се сомнежите дека постојат тенденции за инвалидизирање на трендот за етничко прелевање на гласовите во партиите, и се стравува дека ќе се случи повратна инверзија кон претходната пракса, а со тоа и враќање на гласовите во етничките ровови.  Слично како што е случајот со Чаир, така и град Скопје зависи од албанските гласови, што, впрочем, резултираше со јавно  обеделоденување на  меѓупартиското договарање (на ДУИ и СДСМ), а со тоа пак,  етникумот повторно се сведе на монета за поткусуривање. Дополнително, ваквите договарања нема да запрат, бидејќи и во албанскиот блок конкуренцијата е голема, а главната битка и договарањата ќе продолжат да постојат и вториот круг. Накратко, тенденцијата е возобновување на партиско - етничкиот корпоративизам.
Еден светол пример од овие избори, сепак,  е  поврзан со кандидатката на СДСМ во Арачиново, госпоѓата Милитие Халими, која е парадигматичен пример на обидот за етничка хетерогенизација на партиите. За жал, истовремено,  се забележува дека жените незвисно од етникумите , драстично помалку се застапени на листите, кај сите партии.
На трендот за етничка хетерогенизација на партиите, во еден контрадикторен смисол, се приклони и ВМРО-ДПМНЕ, нудејќи го за заменик градоначелник Мухамед Амети, кој е  втор на нивната листата после Коце Трајановски, а и во двата последни интревјуа, кои ги даде за Аласт М и Тв Клан-Косово, Груевски се обиде да се претстави како „препороден абланофил“, независно од фактот што носечката тема на целата вмровската кампања е отпорот против законот за јазиците и консеквентиот спас на Македоците од албанската наезда. Овие псеудо-ребрендирачки обиди на ВМРО-ДПМНЕ, во услови на намалена пропагандно медиумска моќ, се чини дека нема да имаат поголем ефект, освен оној да бидат протолкувани како политички „ужаси пост-модерне“.
Стар „багаж“ во локалните избори
Посебен проблем на овие избори ќе останат, за жал, инкриминираните актуелни кандидати, па дури и извалканичленови на ДИК, со што,  улогата на Државната Изборна Комисија е целосно компромитирана, а посебно, преку нејзиното рестриктивно  толкување на законот,  според кое (толкување),  од  условите  за кандидидирање,  се избриша казненатa евиденција на државата,   и фактички,  противправно  се овозможува осуденик за воено злосторство да биде кандидат во изборна трка.
Суспектно сеуште останува и нетранспартеното финансирање на самите политички партии и на нивните кампањи, бидејќи отсуствува целосна регулација на ова подрачје, и консеквентно,  постои загриженост околу можните финанските малверзации пред и после изборите.
Посебен аспект, на овие избори е „пренаменaта на веќе именувани јавни функционери (пратеници и министри), тие да бидат истовремено и субјекти во изборната локална трка, без да ги понудат своите оставки од актуелните функции. Иако оставките не се предвидени со закон, сепак, тие се нужни, оти оставаат простор за оправдана критика, според која, излегува дека партискиот интерес преовладува над општиот и индицираат отсутво на било какви морални консидерации кај партиите и нивните претставници. Случајот на Министерот Таравари, кој се натпреварува за градоначаничко столче во Гостивар, е  еден од поиндикативните во овој правец, слично како и случајот со кој, како министер без ресор, Рамиз Мерко се натпреварува во Струга,  но, тука е и  пратеникот Петре Шлегов кој „трча“ за градоначалничко место во Скопје. Од друга страна, ваквите кандидатури со актуелни фукционери, истовремено индицираат и на недостиг од кадар, како и на отсуство на посериозни и систематски кадровски политики, па оттука, се користат веќе испробани „играчи”, во превладување на овие  кадровски недостатоци.
Дали ќе бидат локалните избори можност за нас
На крајот на денот, главната борба во сите избори, па и на овие, е борбата за  неопределените гласачи, кои, според анкетите, не се мал број, туку напротив.  Нивната мобилизација е од огромна важност, но, да бидеме реални, токму за нив нема да дознаеме ништо, се до крајот на самото гласање. Во претстојните анализи, и покрај  укажувањата на анкетите, кои сугерираат предност кај владината коалиција, ќе мора да се води сметка дека ништо не е зададено и вечно, и дека рејтинзите се исклучително сензитивни на дневната политичката динамика, дотолку повеќе што, дури и  еден погрешно изеден сендвич во јавноста може вртоглаво да собори нечиј востановен рејтинг.
Сепак, најважената придобивка од претстојните избори е тоа што нам ни е дадената можност, конечно, да одлучиме во кој правец ќе се движиме: дали ќе останеме зачмаени, изолирани и неслободни, и ќе продолжиме да јаваме на бранот на авторитарниот полулизам, или ќе ја отвориме врата кон демократска обнова, која, исто така, ќе биде трнливо трасирана патека и на која ќе треба сите да си’ се’ соочиме со наследството и содржините на груевизмот како систем на вредности.
И покрај можноста за демократска консолидација, имено, иако е отворена и ветувачка перспектива и во правец за асоцијација со трансатлантските и европските режими,  сепак, мора да сме свесни дека тоа не е романтична приказна од бајките со непосреден happy end. Оттука, секоја прогресивна политика ќе мора да вклучи и еманципатоски тактики за да се олесни реформскиот процес, но за тоа по „локалните“, а до тогаш – со среќа и во фер изборна атмосфера.

Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД.


Comments

Popular posts from this blog

Илија наречен Жаклина

Барокот не треба да сѐ симнува, очекуваме стриптиз

Јас сум роден ваков, со што се правдаш ти