Референдум за Маркови Кули


Референдум за Маркови кули
Ги информирам граѓаните на Прилеп дека на 15 – ти октомври, заедно со задоцнетите локални избори, Референдумот за 6 – те лица кои бараат азил, односно за непримање мигранти кои ги нема и заедно со најавените Референдум за дозвола за печење пиперки за ајвар на отворен простор, Референдумот за осуда на Заев за пожарите и Референдумот за слободно протестирање и одлучување на средношколците дали да отсуствуваат од настава заради присуство на митинг, ќе се одржи и голем народен Референдум против растењето на Маркови Кули.
Се молат граѓаните масовно да излезат, од причина што е констатирано дека и Маркови Кули расте по 1 милиметар годишно, заради притисок од афричката геосинклинална плоча, како што расне и јужноевропското копно, па ние нема да дозволиме притисок „однадвор“, дури и да е од Африканците, со кои сме браќа по „Воинот на коњ“ и на кои почнуваме да личиме.
Имено, по жалба на нашите браќа од Крушево, кои се чувствуваат загрозени од фактот што за четири милиони години Маркови Кули ќе биле повисоки од Крушево, во духот на разбирањето кое Прилеп го има со Крушево, го распишуваме овој Референдум, со кој ќе се отфрлат притисоците од странство.
Нашето здружение, кое го отвори овој процес, се вика „Буди се бре стоко – не гледаш оти расте“ и нема никаква политичка позадина.
Ова граѓанско право не може да го спречи никој, па апелираме да нема такви обиди од властите, посебно сега кога се уште не се укинати гумените куршуми. Имаме информации дека овој Референдум, како и сите останати со кои се сака да се облагородат локалните избори и да се направат поинтересни, ќе биде поддржан од ВМРО – ДПМНЕ и им благодариме за тоа и за клупите, столиците, отстапениот простор и активистите. Со ова ние не апелираме гласачите да гласаат за ВМРО – ДПМНЕ, иако би требало. 
Сите споменати општини се согласија да го поддржат овој референдум. За оваа намена, ДИК мораат да постават по уште една кутија до останатите шест на секое гласачко место во Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево, а ние самите ќе ги испечатиме ливчињата и ќе им ја дадеме фактурата на ДИК.
Сакаме да изјавиме дека нема да трпиме некој од властите нашата организација да ја поврзува со било која партија, затоа што сме ние непартиска организација.
Нашата иницијатива е веќе поддржана од здружението на граѓани „Стоп за Таравари кој лажеше оти Супермен му е прв братучед“. И ние ја поддржуваме активноста на братската „Стоп за Таравари“ и изјавуваме дека е срамно што Таравари лаже дека е во роднинска врска со Супермен, кој ќе му помогнел – како што тој изјави, да ги реши проблемите во здравството затоа што до таква ситуација било здравството дотерано.
Исто така, нашата иницијатива е подржана и од „Тврдо - спорните“, „Патриотите“, „Ноќните в’ци“, „Дневните следовања сокче и сендвич“, „За затегната Македонија“, „Жуги форум за користење гумени“, „Движењето за замена на Шеќеринска со Шеќеровска“, „Движење за духовно обединување на Паљурци и Свирипичино“, „Иницијатива за прогласување на Свети Петар за Македонец“, „Задгранично револуционерно обединето ВМРО“, „Движење Мики Маус е Македонец “, „Не го даваме Мијалков“, „Институт Павел Шатчето“, „Сојуз на синдикатите на ВМРО“, „Движење на судии против СЈО“, како и многубројни други здруженија на Македонци.
Апелираме до сите граѓани на споменатите општини масовно да излезат на гласање, за да му кажеме стоп на Заев кој нашата земја ја доведе во ризик и со најразлични притисоци од страна, за што говори и фактот дека дури и Афричката плоча ни се заканува, а камоли Американците, Европјаните, Албанците, Бугарите, Грците и сите други неавтохтони врсти.
Нашата иницијатива обезбедува такси превоз за сите гласачи на Референдумот, кои попатно можат да гласаат и на локалните избори, а во случај на недоумица, во секое такси возило ќе има задолжен за давање информации од областа на гласањето, кој истовремено ќе се погрижи и за вашиот социјален стандард.
Да живее Гоце, да живее Даме, да живее Ќосето, да живеат Маркови Кули.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“