Овчар и волк

Ќе има ли некогаш дебата, без борба за власт

Сетете се на јагнето, што ги „туражирало“ овчарите, со лагата дека доаѓа волкот?
За жал, ние немаме едно, туку најмалку четири јагниња – едното македонско, другото албанско, третото вемереовско, четвртото есдеесовско. Поинаку, тоа е приказ на македонската политичка и општествена ситуација. Волкот може да си ја брка работата – како сака.
Тоа е. Блеење, наместо дебата. Кај нас не можеш да знаеш што е дебата, а што борба за власт, колку и да си добронамерен. Тука воопшто не говорам за некои органски интереси на било која етничка заедница или на партија. Овде е зборот за виртуелна реалност, која партиите ја создаваат, за да ја преточат во власт. За нив „секоја топка“ е добра топка, затоа што никој не знае каде е голот.
Дали е тоа нормална состојба, во општество, каде конфликтот е „природна состојба“ (најригидно толкувана демократија), а борбата за власт најлегитимен порив?
Да, ако ја заборавиме дебатата, заради која и постојат парламентите и јавниот простор.  За да имаш дебата, потребни се минимални социјални договори, односно, општоприфатени вредности, организациска култура и традиција на законие, кои би биле црвени линии. Без тоа, имаме гола борба за власт, при која „националниот интерес“ станува палка за мафтање, а „националното предавство“, демоклов мач над постапките на било која партија, кој, истовремено и ја ослободува од одговорност: што и да прават, опозицијата ќе реагира исто - хистерично. И точно е. За некој партиски апаратчик, кој е сменет од директорско место, се дига иста хистерија, како и за прашањето на јазикот.
Како дојдовме до ова?
Првиот одговор е големината на „колачот“. Кај нас, тој е преголем, дури и во споредба со големите и богати држави. Целиот буџет е колачот, а методите на негово крадење се безбројни, во недостаток на механизми за контрола и добри практики. Единствено што ти е потребно за тоа се партиски послушници во институциите и во општините. Како тогаш да не бидеш хистеричен?
Вториот одговор е богатството на партиите со “црни пари“, кои можат, во потполна тајност, да предизвикуваат прескапи кампањи за најнебитни ситници, како и „случување народ“ и да инвестираат огромни суми во рушење на власт. Тоа посебно важи за вемерето, која е најбогата партија во Европа, што е едноставно – неверојатно.
Третиот одговор е октроираноста. Ретко кој, на некоја позиција, дошол со заслуги или преку јавен и експертски статус (не само во политиката). Оној што те поставил – мораш да го слушаш.
Четвртиот одговор е недостаток на поделба на власта. Треба ли коментар за ова?
Петтото е неказнивоста.
Вака можеме до утре, но колку и да анализираме, во основата на секој заклучок, ќе ги најдеме ниската свест и политичка култура. Тоа партиите го знаат и тоа ни го даваат, а дури и нашите исселени деца, не им беа опомена, дека тоа не смеат да го искористуваат, до бесвест.
Во ова општо лицемерие со јавноста нема невини, но има најодговорни. Опозицијата мора да го држи ова неславно, но многу принципиелно место, заедно со граѓанскиот живот. Ете, сега нека види вемерето, заради што не смееше да го уништува невладиниот живот, со своите квази – невладини, на кои, никој не им верува. Невладините, оние вистинските – зајакнаа во борбата.
ВМРО – ДПМНЕ би требало да сфати: не е јагне, кое постојано ќе блека, за да го држи предизборниот тонус и тоа веќе 11 години. Се уморивме – верувајте. Со тоа, оваа партија ја губи својата најсилна причина за постоење: да алармира на загрозување на македонските национални интереси, кога е во опозиција, и да ги унапредува – кога е на власт. Еве, таа не го прави ниту едното, а не го правеше ниту другото, кога беше власт, и тоа со многу силни позиции.
Хистеријата на поделеното општество не е најдобрата методологија за избори, а бескрајната манипулација има своја цена, која вемерето ќе ја плати, ако не се опамети, во што не верувам, барем не, додека е Груевски лидер на партијата.
Треба да се сетат повиканите од вемерето, на приказната со јагнето и волкот, затоа што ќе ги изгубат сите причини за постоење како „партија за македонско национално единство“, посебно ако овчар им е волкот.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“