Директни странски инсинуации, или беа „ивестиции“

ДИРЕКТНИ СТРАНСКИ ИНСИНУАЦИИ, ИЛИ БЕА „ИНВЕСТИЦИИ“
Поезијата за просечен Македонец е најбитна и ќе видите заради што. Зад инвестицискиот „бум“ мора да стоел некаков „морков“ и сите го знаевме тоа, но колкав бил – не знаеме. Не знаевме ни колку работници се вработени, колкава плата земале, кој ги плаќал придонесите, дали сами си граделе или „нашите“ тоа им го средувале, што странците донеле и колку, а колку им дал Грујо, за да може да се слика со нив. Значи, не знаеме колку чинеле фотографиите од Грујо. Од Грујо само поезија, наместо објаснување и отчет.
Засега, има информации колку биле плаќани медиумите, кои Македонија ја држеа во инвестицискиот ритуал и од тука гледаме дека секоја фотка чини колку добра јахта. Но, тоа не е се. Ако на тоа ги додадеме податоците за субвенционирањето на странските инвестиции, кампањите за инвестирање во Македонија, многубројните економски аташеа, цели агенции за ова и за она, економски заменици, коктели, патувања, пробисвети од цел свет, ангажирани глумци... јахтата може да се претвори во прекуокеански брод. Убаво е да се има странски инвестиции.
Сепак, нам не ни беа потребни парите од странците, оти ние пари имаме за извоз и секоја година „пустиме“ барем по десетина големи фабрики во крадење и промашување (пат на свлечиште = 3 фабрики), туку мозокот, организацијата, технологијата, врските, едукацијата на врвен менаџмент, работните вештини и работната етика, компатибилност со големи производни системи, чувството за пазар и тренд, брендирањето како процес и применето знаење, деловни навики на „западот“ и влез во самоодржлив систем на услуги и производство за тие големи системи, совладување на стандарди, деловно однесување, спроведување на деловна идеја во живот...
Поедноставно: Нам ни треба едукација, а не пари. Парите денес не значат ништо, ако не го знаеш занаетот на инвестирањето. Навистина, што од тоа добивме со странските инвестиции, за кои жестоко плативме (бргу сите ние ќе видиме што се правело). Мое скромно мислење е: Ништо и помалку од тоа. Кај нас нема „грин филд“ инвестиции. Сите се „шрафцигер“ индустрија.
Што ќе ни остане кога ќе си заминат странците? Шрафцигерите? Фала многу, ние си имавме таква „висока технологија“ и без нив. Колку мозок ќе остане во Македонија и колку оспособени врвни кадри и менаџери, кои и самите ќе можат да придвижат бизнис со/за големите производни системи во странство? Одговорот е: „Нула“.
Колку оспособени технолози, инжинери, програмери, раководители... ќе ни останат, откако циркузот ќе си оди на друго место? Колку нови технологии се воведени во Македонија.
И она што порано го произведувавме, сега е спуштено на ниво на нефинален производ (на пример, мермерот). Колку ја зголемивме способноста за трансфер на нови технологии? Колку универзитети имаа соработка со овие инвестиции?
Колку се рударските јами осовременети? Колку свиткани лимови, наместо прави (барем), испративме во странство? Не, не е проблем што Грујо им плаќал на странците за да се слика со нив. Историјата на пустење пари во Македонија е веќе работа за поетите, а не за економистите. Проблем е што тие не мислеле сериозно со Македонија.
Со кој универзитет разговарале за да им произведе специфични кадри? Со која агенција за обука? Со која локална или национална деловна фирма договориле системи на услуги? Она што ќе ни остане од „инвестициите“ ќе биде купишта отпад, јаловина, подзастарени машини за старо железо, истрошени шрафцигери, загадени подземни води, руинирани патишта и дебели резерви разочарување, кои ќе го експлоатираме во политички цели. Вистинска поезија на неукоста.
И тоа не е проблем, со оглед на тоа кои сме и какви сме. Вистинскиот проблем лежи во нашата поетска ограниченост и слепило дека не ги најдовме ние нив, туку тие не најдоа нас, за да ни продадат нешто, што многу и треба на политиката: привид на директни странски инвестиции, за политичка употреба.
Како бевме слепи тоа да не го видиме. Малку ли глумци и хохштаплери се прошетаа низ Македонија во друштво на Груевски и Ставревски? Кутри ние, мислевме дека евтината работна рака ги привлекла, а 70% од светот работи за помалку пари од нас.
Тие добро оценија дека Груевски и вемерето се „муштерии“, хронично гладни за пропаганда за правдање на невидениот лоповлук, со која ќе ги храни бројните медиуми, па тоа му го продадоа како бренд: Фото албум за невидено големи пари, на кој пишува: „Директни странски инвестиции, за индиректни домашни инсинуации“.
Ни наплатија машала, како на напален дечко во јавна куќа, но тој си го направи ќефот, а ние сите плативме за тоа. Сега, додека сводникот на Македонија има нови проекти во главата, добар дел од јавноста сеуште мисли дека владата на вемерето била ориентирана кон економијата и лета во небото и тоа за 8 милиони евра нискобуџетски субвенции. Богами, машала нискобуџетно. Дали тоа проститутките тагуваат за макрото? Чиста поезија, без која македонската душа не може.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Бидете паразити, оти е највозвишено

„Наводници“