Град со толку кандидати за градоначалник не треба да се плаши за својата иднина

Град со толку кандидати за градоначалник не треба да се плаши за својата иднина

Засега, во Прилеп, не е досадно со локалните избори, кои не се ни близу. Вемерето молчи за својот предлог, а од есдеес засега има само десетина нестрпливи, кои инсистираат на партиска поддршка за својата „заслужена“ кандидатура.
Послабо упатените, кои веруваат во математика и тренд (спрема темпото на кандидирање, пута убрзање на квадрат) есдеес ќе ги има околу триста парчиња кандидати. Подобро упатените велат дека најпрво се пуштаат во оптег оние „што ќе горат“, а за вистинскиот кандидат ќе одлучи фортуната и Заев. Но, и тука има проблем.
Најголемиот дел од нив сами „се пуштија“, односно најавија кандидатура. Ами како! Прилеп е ова и без сеир не може да опстане. Леб и игри? Во Прилеп треба кафе, со бунарска вода, ѓомити од „Студенчица“ и сеир. Убаво е да се чуе дека во најврмровскиот град во Македонија има толку заслужни за каузата.
Толку биле многу заслужни, што, ако не ги кандидирала партијата, ќе се појавеле како независни кандидати. Молам? Кафе и сеир? Тоа е веќе малку. Потребно е кафе, сеир, вијагра и таблети за стимулирање крави. Да се појавеле? Каде тоа?
Надвор од партискиот штаб во бивши Хотел „Скопје“ никој и не ги знае, со чест на премалубројните исклучоци, односно: исклучок (само е еден препознатлив во неесдеесовската јавност, што ги јадосуваше и „туражираше“ вемереовците како сака), башка од „шарените“, кои во Прилеп не котираат како во Скопје.
Навистина, овие кандидатски легенди во сопствените глави, ќе мора да внимаваат кога се појавуваат пред „раја“ без знамето на есдеес и без Харчо и Сугаре до него, оти ќе мислат дека продаваат правосмукалки или парфеми. Но, каде да се пие кафето?
Е тоа е прашањето. Полните вемереовски кафани сега не се „кул“ и довчерашните „кул“ дечки ги избегнуваат како јунферица – мрачни сокаци, па се тие скоро празни. Каде е времето кога место не можеше да најдеш во нив. Сега се „кул“ други кафиќи, кои упатените ги викаат „есдеесовски“. Добронамерниците велат дека тоа е мода, а злобниците мислат дека е тоа синдромот „мала вода“.
Сепак, ако по тоа се познава кој ќе победи на „локалните“, највемереовскиот град може лесно да се претвори во најесдеесовски, иако за тоа не правиме муабет.
Муабетот е за кандидатите и амбицијата. Од каде толку заслужни еседеесовци во највемереовскиот град? Да ги имаше, немаше да биде највемереовски, нели? Потоа, што заслуги ќе беа тоа, кога не се ферма ниту партиската структура и хиерархија? Што искуство ќе беше тоа и од каде, што секоја надобудна шуша го тера да мисли дека може да биде татко на градот?
Да има татковци пијаници, но погледнете малку нагоре: Има промени и не само персонални,туку и принципиелни. Одговорот повторно лежи во вемерето.
Не дека есдеес многу му го мислеше пред 2006 – та, но сепак, разликата во квалитетот на кадрите на СДСМ и ВМРО и тогаш беше „небо – земја“, а да не споменуваме сега, кога на местото на разулавените крими апаши седнаа серизни луѓе од кариера и чест. Сепак, вемерето постави стандард, каде секој – буквално секој, може да биде било што. Тоа не е само политички стандард, туку и генерално убедување дека не може ништо да биде подобро, дека не постојат подобри и полоши, поучени и понеучени, докажани и недокажани, доблесни и лигави...
Се е фортуна, случајност и игра на моментот, исто е и ќе биде исто и со најдобриот и со најлошиот. Дојди на власт и накради се, а ако не – будала си! Така, барем во Прилеп, ако не и во цела Македонија, дали по пат на осмоза, дали преку зараза со вемереовскот шалабајзерскиот вирус, дали по пат на сељачка емпатија со нив, синдромот на неоснован нарцизам, самопреценување, автолегендаризација, заборавање дека муцките им беа затнати, за да не се замерат со властите и дека цело време, повеќето од нив беа „во дил“ со ортаците од вемерето, амбициите на недугавите скокнаа до небо. Не дека се самосакаат, оти и Бог и светот и цартвото небесно го оставил на „кротките“, туку дека мешаат „кротко“ и „недугаво“.
Така и амбициозните „чекачи“ сфатиле дека им дошол моментот, иако ништо друго не сфатиле, како на пример, дека локалните избори се тест на воведените новини и нови принципи на централно ниво и дека сега поставените кадри на СДСМ се само нужен компромис, кој локалните испостави на партијата треба да ги држат во поднослив мир, додека и таму не почне да се воведува партиски и професионален мерит систем, дај боже, како пакет.
Така, многубројните кандидатури за градоначалник на есдеесовските „чекачи“, кои би се појавиле и како „независни“, се најдобрата потврда дека локалците ништо не сфатиле од промените на Заев и дека се само вемереовци со еседеесовска книшка, а пак раководствата на локалните испостави не разбираат дека не ја исполниле најосновната задача: Борба за власт на локално ниво, а не внатрепартиска беспоштедна борба, која ќе ги изблати сите кандидати, па така, сторени бербат, ќе одат на избори.
Ако ви помага да ви кажам на сите вас кандидатите и на партиските локални раководства, кои не се способни „да си ја соберат вересијата“: Не сте во состојба било што да се договорите, па послушајте што ќе каже Заев, а ако се појават „независни кандидати“ – ако.
Сто кандидати, по 4 гласа од мама, тато, тета и бато нема да ја засенат сигурната победа на СДСМ во сите градови во Македонија, па и во Прилеп. Жими „Левица“, ако ве лажам. Верувајте, да пиеш кафе „таму и таму“, а не „онаму и онаму“, во Прилеп нешто значи, а тие што, при пиењето кафе, ве „поддржале“, како столб на партијата, кого партијата не го наградила адекватно, си прават сеир и се драпаат со вас, кога ќе си заминете на жената да и ја соопштите „радоснаа вест“.
Град со толку кандидати за градоначалник не треба да се плаши за својата иднина, оти ја нема.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено