Биди оптимист премиере, полошо е!

Биди оптимист премиере, полошо е!

Реинституционализација!!! Тежок збор за уште потешка работа. 
„Заробени институции“? Не, не. Тоа е деминутив. Полошо е.
Што е правено со институциите не можете да замислите. Сите ние мислиме дека знаеме, но го гледаме само врвот на сантата мраз. Заев ги слушна разговорите, па повеќе знае од нас, но ниту тој нема детален увид какви недела, какви фантастични „гимнастики“ вемерето има направен со нашите институции.
Како знам?
Лесно!  Мислите дека туку - така може да се организира линч во Парламентот? Тоа не е само организација. Исклучување на свеста, совеста, стравот и моралот треба за тоа да се стори. Настаните во Парламентот, вклучително и оние, кога на клоца ги избркаа пратениците и новинарите само ни ја покажаа температурата. А болеста?
Институциите, дури и во најголема мака, имаат една силна страна, а тоа е инерцијата. Институцијата може да си ја работи работата со години, дури и ако нема директор, влада, градоначалник. Сетете се вие постарите на периодот од 1990 до 1993 година. Самиот вработен работи по инерција, па работата „се тера“, вака или онака. Да ја запреш институционалната инерција мора да се помачиш и да воведеш систем. Сега инерцијата е запрена, затоа што никој ништо не прави „без да праша“. Она што порано беше законот, сега е партијата.
Ете така знам: Нашите институции се систематски „заробувани“. Зад тоа не стоела „негрижа“, туку спротивно: постоела филигранска грижа тие да функционираат само по желба на лидерот. Сето тоа безаконие и најкреативни форми за уништување на институциите не можеш да ги наречеш само „злоупотреба“ и „партизација“. Потребен е нов израз. Точно е, може да се каже „забеганост“, „клептоманија“, „коруптивност“, „волунтаризам“, „безаконие“, „неказнивост“, „нетранспарентност“, „неотчетност“... но, верувајте, сите тие зборови нема да го опфатат она што тоа криминално здружување наречено ВМРО – ДПМНЕ го има направено.
Јас и моите колеги во АГТИС тоа го нарекуваме: „наводничарење“, или ставање наводници на институциите и на целокупната реалност: „ако е криминално - по закон е“, „го има, ама го нема“, „по закон е, ама не е по закон“, „имало криминал, но нема пријава“, „забрането е, па што?“, „не крадел, се снаоѓал“, „законот ме обврзува, но што ми е гајле“, „супер е, само малку се умира“, „за другите важи, за нас – не“, „едни ги тепаат и апсат, другите ги честат цигари“, „еден го поплавило – друг ги зема парите“, „новороденчиња умираат, ама пораснал џидипито“... Тоа да го постигнеш, треба многу труд, црна душа како катран, ментална болест во поодмината фаза и вемереовска креативност на злото. Еве ја, во институциите, на улици, во нашите души.
Заради тоа, Заев нема да има работа само со криминалци во партиска обланда и инкриминации, кои ги пишува во кривичниот законик. Тој ќе има работа со „наводници“, кои се толку перфидно и толку масовно напикани насекаде, што ќе се чувствува како Алиса во Земјата на чудата. Најстрашни се наводниците во нашата етика, естетика, совест. Тие ни ја крепат за да не падне, како „протеза за душа“, затоа што, често, и ние бевме соучесници во монтирањето наводници. Заради тоа сите ние граѓаните сме обврзани да помогнеме во бришењето.
Како се бришат наводници? Има повеќе начини, но најважниот е: тројната поделба на власта повторно да ја „измислиме“ и да ја донесеме насекаде, како што е во Уставот и законите. Не треба да не уплаши непобитниот факт дека против тоа се мобилизирани десетици илјади вработени во институциите, милијарди од нас украдени евра, човекот – фикус, или „човекот – мувла“ (се што ќе додирне скапува и мувлосува) - во слободно време „претседател“ на државата, илјадници партиски улични „непартиски хиени, кои цвеќе не згазиле 60 дена“, стотици платеници, куп медиуми. Против нас се и судските институции и тоа од „А“ до „Ш“. Список од наводници против нас граѓаните и против Заев е бескраен.
Секој нормален би рекол дека кутриот Заев, со само 62 пратеници зад неговата Влада нема шанса, но вратете се 2 години наназад, па споредете. Дури и неговите партијци не можат да го проценат феноменот Заев. Видете го сега. Тој е сума на сите домашни и меѓународни добри желби за оваа држава, единствениот кој Македонците и Албанците може да ги држи заедно и единствениот доволно добар гарант против мафијата.
Тоа го докажа и со владата. Не ја одбираш Рената, ако сакаш да крадеш и да спроведуваш агенда на сагрегација на дечињата, не го одбираш Роберт, ако сакаш понатамошна дебилизација на културата, стерилност на културните институции, полтронска уметност и трабантско поимање на културниот производ, не го одбираш Димитров за министер за надворешни, ако сакаш само празни фалби и статус – кво ситуација, не одбираш моќен бизнисмен, ако сакаш да ти биде „маша“ за да ги полниш џебовите, ниту признати граѓански активисти, ако сакаш да фингираш дебата и јавен отчет.
Сепак, непријателите се многубројни и моќни. Наивноста мора да се заборави. Слепата вера во демократијата ја прави демократијата невозможна. Така, не може новата влада да спроведе реинституционализација со вемереовски кадри! Исто како да викнеш будиста да ти заколе крава.
Затоа, бриши премиере наводници, а ние внимателно ќе гледаме како тоа го правиш. За разлика од Груевски, кому потезите му ги мереа со километар, тебе ќе ти ги мерат со влакно. Ќе ти ги мерат сите злонамерници, ги има на тони, уредно платени од нашите пари, ќе ти ги мерат и добронамерните. Мерењето нема да биде фер, и знам дека ќе ти биде мака фукари да ти продаваат морал, криминалци – правда, „парламентарни портири на злото“ да ти бидат колеги, исти личности од Центарот за комуникации на тоа злосторничко здружување да ти поставуваат прашања како независни новинари, но тоа е тоа.
Досега сме виделе стотици пати како не треба, па ајде, како Господ те молиме, да видиме еднаш и како треба. Остави моливот и земи гумче, па пишувај со бришење.
Биди оптимист – полошо е отколку што мислеше.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено