Чудесна е оваа Македонија


Чудесна е оваа Македонија

Сега, кога „народот“ „си го врати“ „Собранието“ и „н# одбрани сите нас“ од „превратот“, веќе нема место за наводници во реченицава. Сепак, без наводници, таа не би имала никаков смисол. Не? 

Главно, сме можеле да „спиеме мирно“. Вождот бдеел над нас, душичка, за ние да дурлиме во самозадоволство. Идила.

Не бдее само вождот. Тука е и тој билетарот од „собранието“ Велит, кој делеше билети за влез во „најчуваното место“ во државата (оставете го сега Јасен, ми ја реметите мислата). И тој, душичката, заедно со Владо и целата „водичка служба“ на Чавков, бдееле над нас. За таа цел и Жането најави нова ликовна перформанса во простор, со наслов „Враќање на розовината“, Клетников, ќе ја опева „розовината“ во својата нова збирка поезија, а и Латас и Ивона ќе имаат свој допринос. Едниот ќе воведел розе вести (што, веќе има?), а втората ќе промовира розе гаќи од 500 евра (и тоа веќе го имаме? Ах, добро, не биле розе). Спијте мирно чеда мои македонски, иако Села уште не е мртов, Рада може да купи и перика и нов врат, а Заев и Локвенец не за долго им избегаа на канџите на Ќосињата. Јаки сме ние Македонците, посебно кога сме 100 на еден (можеби не баш толку, оти „демонстранти“ имаше до две илјади), кога полицијата е со нас, од двете страни и од кај демонстрантите и од кај обезбедувачите и кога и по мобилен може „да н& се случи народ“.

Колку само беа шокирани вемереовците, тие спасители на своите колеги од СДСМ и клетите Албанци, кога толпата навлезе во собраниската сала. Некој злобник тврди дека некој од вемереовските пратеници, пет минути пред упадот, на мобилен викнал: Сега!!! 
Владо ги смири. Ах таа прекрасна Македонија, каде спикерот, ако не може да воведе ред, повикува демонстранти од улица и бара некој глумец, да глуми собраниски спикер. Кој тоа беше избран: Талал или Владо? 

Каква демократија!!! Полицијата дозволува власта да с& се дружи со народот и бурно да дискутира со него, без да го спречува и репресира. 

Да не правам дигресија, но ... идната недела планираме и ние малците да го освоиме „собранието“, за да ни се дигне рејтингот на револуционери. Како што видовме, еден куп прилепчани во тоа „демонстрантите“ се прославија за ништо. Барем да беа некои видени фаци, а не криминалци, кои овде ги жалиме и презираме. И јас сакам да му влепам една на пратеник. 

Оти да не? 

Велит не го земаме да дава влезници, оти чувме дека бара 800000 евра за тоа, па нема да н& се исплати, а Жането исто, оти требало 250.000 евра по „перформанса“. Многу се прецениле, навистина. Ние ќе им пратевме личности на исто ниво како нив од Комуналец за многу помала пара. Да бараме донација од вождот? Од прогласот за „финансирање на домашни НВО – и“? Немаме толку врски, па ќе поминеме „на суво“. 

Спијте мирно чеда мои македонски. Богдан одма шатори намести да го чува „собранието“, па нема причина да веруваме дека клетиот Нухиу може нешто да стори во врска со тоа. Институцијата најдобар твитерџија меѓу демонстрантите и најдобар демонстрант меѓу твитерџиите е најсилната институција во Македонија. Втората по важност институција „дежурен глумец“ е флит! 

Колку е моќен видовте и сами... Само... да не се налути Влатко Ѓорчев на тој неочекуван пораст на популарноста на овој глумецов? 

Браво вемереовци. Како Исус Христос да го гледав. Дига рака Исус и водата се двои да поминат Евреите. Спушта рака, водата се затвора да ги удави Египќаните. И Влатко така. Дига рака и разгневената толпа застанува и им папсува ешта за крв. Дига мобилен и рајата повторно бара крв. 

Спијте браќа Македонци. Претседателот и сите други македонски претседатели на ова и на она, твитерџиите, глумците, уметниците и чавковци се тука над вас. 

Спијте и сонувајте ги сите ликови на вождот. 

Бог е секаде и во каков што сака лик. И Груевски исто.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“