Непознато во равенката на ВМРО е ВМРО

Непознато во равенката на ВМРО е ВМРО

Ниту на момент, ниту со еден збор, не ме изненади говорот на Иванов, ниту нешто очекував од партиски лепач на нарации. Исто и со изборот на Мицковски и решението на вемерето дека нема да се врати во Парламентот. Сето тоа е пакет. Не можеме да очекуваме Иванов да сфати закон, Мицковски да биде независен и ВМРО да биде конструктивно.
Мене нешто сосема друго ме буни. Зошто тие веруваат дека некој им верува? Не се тие пацери, на власт беа предолго и знаат што е тоа политика, а знаат и бескрајно долго да ја повторуваат нарацијата (Бранко, те Бранко). Упорноста на вемерето може да се спореди само со нивната бескрајна неодговорност, а доброто познавање на своите противници им е силна страна, што го докажаа. Единствена непозната величина во равенката на вемерето е вемерето, до каде и со што, може да оди?
Знаат тие знаење за манипулации. Ајде вака.
Просечен граѓанин можеш да го прашаш дали носач на авиони чини 10 милиони или 10 милијарди долари и, најчесто, нема да погоди. Ако му посочиш дека е лесен одговорот, ќе ти врати дека „не знае за наоружување“, иако не е до следење на наоружувањето, туку до чиста логика, оти гапот од милион до милијарда, сѐ кажува. Истото би било и со цената на градбите, по метар квадратен. Зградата на општината во Прилеп е изградена само за 720 евра од метар квадратен, а кога овој податок го слушна мој познаник, рече дека се скапале од крадење ова вмровциве. Кога му посочив дека цената е мошне ниска и владата градеше и за повеќе од 15.000 евра од метар квадратен, тој одговори „и тие крадат“ (кои „тие“ - се истите). Примери на милиони.
                Истото ова се случува со толкувањето на големите политички гафови од последниве 3 декади, а ги имаше, како во мемоарите на една гејша. Настаните од 27 – ми, многу луѓе ги споредуваат со кршењето на „народната“ канцеларијата на Иванов. Бркањето на опозицијата и новинарите од Собрание, го правдаат со скоро ненормалниот одговор: Ами што бараа да го нарушуваат редот?. Кој? Есдеесовците или новинарите? Исто со тепањето студенти по библиотеки, пљачкањето и пустењето на буџетот, амнестии, лустрации, задолжување... Смешно, но за „донациите од владата“, чести се одговорите, дека владата навистина тоа го платила, па е донација; за „компјутерите за секое дете“, дека е тоа во ред, оти некое дете можело да нема компјутер дома...
                Наизглед незначајните проблеми на поимање и паритет, далеку ја надминуваат својата „безгрешна“ појавност. Тоа не е „безначајна пукнатина“ во каузалноста и смислата за паритет, туку нешто многу пострашно и директно е поврзано со „здравјето на нацијата“, а ВМРО во таквата каша плива како риба. Каузалноста, проценката на моралноста, економичноста, проценката на значењето и тежината на фактите и настаните од општествениот живот и основите на паритетот се основа на општествениот живот, и како такви, мора да бидат општествен капитал.
Веројатно, тоа го знае вемереовската искусна машина за производство на нарации, системот е добро подмачкан со пари, а „резерви“ за големи акции има со милијарди. Значи, останува прашањето на моментот, кога ќе биде активирана следната „голема приказна“, за која мора да се чека некакво „народно незадоволство“ и да се авансира со „хунтата“.
Традицијата е на страната на вемерето, нашите високи верувања, поврзани со виктимизацијата - не стивнуваат, самото владеење на СДСМ им дава „муниција“ и повремени потврди (од типот „нели ви рековме“?) на вемереовскиот наратив, како и меѓународните планови за Западниот Балкан. Изборот на политичка борба на партијата (во, или надвор од Парламентот) зависи само од забрзувањето на времето, за почеток на „големата приказна“. Веројатно, тоа е така програмирано и во случај Груевски да оди во затвор.
Спас од ова? Зар повторно на почеток? Не само сега и не само ние, ова прашање сѝ го поставиле сите оние, кои имале работа со јавните претстави и тешките одлуки, кои морале да се донесат.
Споменатите општествени, но пред сѐ, духовни премиси, се основата на просветителството, кое сакало колективните претстави и празноверијата од секој вид, да ги хуманизира, компресира и избрка во историјата, за човекот да го направи рационално суштество, кое, со силата на својата каузалност, со моралната, естетската и етичката „предодреденост“ од природата, ќе може да биде господар на својата судбина. Ние, овие идеи „ги фативме“ со социјализмот, кој сѝ зеде за амбиција нашата свест, од митолошко – магиска, (несомнен факт до крајот на педесеттите) да ја подигна на ниво на општествена  и лична рационалност. Тој процес, барем навидум, имаше значаен успех.
Од каде тогаш фактите од почетокот на колумната? Секако, ние сме сеуште рационални суштества, но веќе имаме развиено двојна рационалност, во која, едната е сензитивна на дразба, а другата како да служи за да не ја оптеретуваме свеста. Едната е рационалност - свртена кон себе и кон непосредна корист, а другата – „тупата“, кон општеството (таква нѝ е и одговорноста). Само оние општествени факти, кои се однесуваат на неколку категории информации, мошне пригодни за фејсбук (лични примања, дневници, хонорари, патни трошоци, кој – каде, кој – како, кој – колку, како и фактите на општествена стратификација, меинстрим, семејни информации...), влегуваат во нашиот когнитивен апарат, а другите се офрлаат како некорисни и се коментираат преку готови говорни формули, неповрзани со свеста.
Вториот вид рационалност е реактивна, односно, тоа е блазираност од нашиот општествен и политички живот, од кој е обичниот човек одамна избркан, не им верува на информациите, незаинтересирано реагира на нив и само ги пропушта низ штурите модели на колективните претстави, кои, повторно се вратија, како реакција на долготрајните и некохерентни политички нарации и игрите на центрите на моќ. Тоа е инструментализирана рационалност, како одговор на инструментализираната реалност. Тоа е реакција кон оправдувачките нарации и убивањето на јавната критика, тој лекар на општественото здравје. Одмаздата на митологијата е против колективот, а не против оние, кои пробаа да создадат „нови свети приказни“ и да ги заменат „старите свети приказни“, од порано. Спинерите не разбраа дека митот е „механизам, а не приказни“, а како таков, тој влегува во потисните дискови на рационалноста и ги раѓа профаните митови, кои реалноста во главите на луѓето, ја организираат на поинаков начин – од посакуваниот. Така е добиен и политичкиот мит, кој има своја структура, па, она што не одговара на матрицата, човекот тупо го отфрла, а реагира само на оние информации, кои се поврани со егото. Така, од граѓанин добивме клиент, без верба, без желба за борба и напор и несоодветно суштество за планирање големи визии, какви што нам нѝ требаат, за да ја извадиме заглавената кола од калта.
Тој граѓанин е верник во боговите на среќата. Тој не сѐ самовработува, не бара работа, девојка, момче, има спремен куфер, бара, а не дава, ниту скептик, ниту циник, туку зависник од викендицата, спортската прогноза, мобилниот телефон и мечтаењето. Што мечтае? Пасивна одмазда, која доаѓа на крајот од чинот, или со живот, на друго место.
Тоа ќе има сериозни последици по движечките сили на нашата акцесија во
ЕУ, по реформите, по изборните процеси, а една од температурите на големата болест (да сѐ верува во моќта за големи нарации) е и апстинирањето од јавниот живот, од демонстрации, од јавно искажување мислење, од дебата (потрошени приказни). Тој реагира чувствено и само силна оригиналност може да го оттргне од стереотипната политичка дидактика. Тие движечки сили може да ги покренат само нови и силни движечки односи.  Некои (односите) ги нарекуваат и реформи, кога се убаво спакувани.
Ете затоа, говорот на Иванов, иако нископрофилен, проклето партиски, непоправливо дефектен, појде таму – за каде што беше наменет и го потенцира стариот вемереовски пакет, кој не успева при забрзан општествен развој и импактни реформи. Тој ќе профункционира исклучиво при промашување на мотивирачката нарација („животот“) и неуспехот на испорачаното од самите реформи. Дотогаш, вемерето ќе се занимава со авансирање и со прегрупирање.

Не смееме тоа да го потцениме и мораме да ја потенцираме тежината на фактите, за тоа што вемерето направи против Македонија и нејзините граѓани, да ја претставуваме пост – вемереовската реалност, како што ја затекнавме и да ги демистифицираме многуте штетни митови, кои „најпатриотската партија“ ги вгради во месото. Инструментализираната реалност, повторно ќе му даде сила на притаениот мит на вемерето дека „партијата не го признава судот на ....“, а доследните движечки принципи на реформите и владеењето на правото, ќе му ја одземат, ако бидат правилно и силно воспоставени. Тоа е равенката на Македонија со себе самата. Вемерето својата равенка не може да ја реши, оти е со многу непознати величини: броеви на шифри од банкарските сметки во странство. 

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено